Сослушувањето насловено „Унапредување на интересите на САД во проблематичниот Свет: Фискалната 2016 година и буџетот за надворешни работи“ во Комитетот за надворешни работи на Конгресот на САД ќе поминеше незабележано во државава, ако во фокусот не беа Украина и односите со Русија. Главните вести во македонските медиуми ја пренесуваа изјавата на тогашниот државен секретар Џон Кери: „Кога станува збор за Србија, Косово, Црна Гора, Македонија и други – Грузија, Молдавија, Придњестровјето, тие се на линијата на огнот“ кој одговарајќи на сенаторско прашање зборувал за идниот конфликт помеѓу Русија и западот. Сослушувањето се одржа 16 дена откако тогашната опозиција ги објави првите аудио материјали од незаконското прислушување на граѓаните, т.н. бомби, на 25 февруари 2015 година и совршено го окупираше вниманието и имагинацијата на граѓаните, а беше и одличен вовед за приказните за „жолтите комбиња“ и „странските служби“. Како последица на тоа, како и на ограничените информации, анализата на политичките случувања во државава и „шарената револуција“ кои следуваа во голем дел беше мешавина на фолклор и теории на заговор. Оттаму, потребата од сеопфатно разбирање на комплексноста на меѓународните односи беше повеќе од јасна и речиси подеднакво важна како и потребата од развивање на надворешна политика заснована на докази.

Одговорот дојде, во истата година, со првата средба со Индексот за глобално присуство (Index of Global Presence) на Кралскиот институт ЕЛКАНО од Мадрид, Шпанија. Три димензии на присуство, поголем број на променливи и поединечни индикатори, целосно научно поткрепено истражување за глобалното присуство на државите. Требаше долго време и многу труд за Индексот за глобално присуство да се трансформира во Индекс за меѓународно присуство кој го следи и анализира присуството на други држави во Република Северна Македонија. Во една исклучително тешка година, како што е 2020, Институт ПРЕСПА успеа идејата да ја трансформира во проект, а проектниот тим да спроведе истражување и да ги анализира собраните податоците. Како дополнување на концептот од Индексот на Институтот Елкано, беше спроведена Имиџ Опсерваторија чии резултати поврзани со податоците на Индексот за меѓународно присуство овозможија сеопфатна анализа на странското присуство и колку истото се користи за остварување на влијание, односно импакт.

Индексот за глобално присуство на Кралскиот институт Елкано и неговите последни два годишни извештаи, за 2018 и 2019 година, беа основата за конципирањето на проектот и истражувањето, како и за анализата на добиените резултати и изработката на овој извештај. Додека, постапувањето со податоците и создавањето на Индексот за меѓународно присуство беше направено според заедничкото издание на Организацијата за економска соработка и развој (OECD) и Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија (JRC) „Прирачник за создавање на композитни индекси – Методологија и водич за корисници“ (Handbook on Constructing Composite Indicators – Methodology and User Guide).

Соочување со стабилни демократии или пат со неусогласена траекторија“ е извештај од истражувањето за Индексот за меѓународно присуство за 2019 година и ги претставува државите и нивното меѓународно присуство во Република Северна Македонија. Воедно, извештајот треба да послужи како алатка за разбирање на комплексноста на надворешната политика и на меѓународните односи во услови во кои Северна Македонија полека излегува од периодот на (само)изолација и го зголемува интензитетот на соработка во регионот и пошироко во Европа. Притоа, поради развиената методологија и научната поставеност извештајот и податоците од Индексот се податливи за користење во теоретски расправи, како и при развој на јавни политики.

Институт ПРЕСПА ја изразува својата благодарност за поддршката која ја добивме на Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) во имплементацијата на овој проект и создавањето на Индексот за меѓународно присуство. Исто така, би сакале посебно да се заблагодариме на проф. д-р Илиана Оливие и проф. д-р Мануел Грасија, координатори на Индексот за глобално присуство на Кралскиот институт Елкано од Мадрид, Шпанија, за нивните советите и водењето при имплементацијата на проектот и истражувањето.